Проектот „Да ви ја раскажам мојата приказна“ се состои од превод, објавување, дистрибуција и промоција на 15 од најдобрите современи европски приказни за адолесценти. Секоја година ќе се објавуваат и промовираат пет наслови од автори од седум различни европски земји: Франција, Италија, Шпанија, Холандија, Словенија, Грција и Полска.

Како што сугерира насловот, проектот истовремено се стреми да пренесе и порака до младите читатели што ќе биде обзнаена во текот на промотивната кампања, чиј централен елемент е концептот на раскажување приказни. Идејата и уметноста на раскажување приказни не само што ќе се користат за промовирање на насловите објавени во рамките на проектот, туку ќе го свртиме вниманието и на важноста и еманципаторниот потенцијал на раскажувањето. На младите читатели би сакале да им понудиме можност да слушнат современи европски приказни, но и да ги потсетиме на вредноста на нивните сопствени приказни. Поврзувајќи се со книжевните ликови со кои споделуваат заеднички чувства и светогледи, се надеваме дека младите читатели ќе научат да ги ценат и изразуваат сопствените гледишта.

Ова е и обид да се популаризира читањето кај адолесцентите и да се прошири кругот на млади читатели од социјални категории, чии приказни сѐ уште не се раскажани. За таа цел, програмата на промотивната кампања вклучува создавање дигитална интерактивна книга.

Бидејќи уметноста на раскажување е на маргините на формалните институции и учесниците во синџирот на производство на книги не се запознаени со овој концепт, во првата година од проектот заедно со нашиот партнер планираме да организираме симпозиум за раскажување, по што ќе следат 15 работилници и фестивал.