Марк Јансен

Марк Јансен (р. 1974) студирал на Академијата за визуелни уметности во Мастрихт. По дипломирањето во 1997 година, започнува да работи како илустратор во Валкенбург ан де Гул, во неговото домашно студио.
Од неговата прва книга за деца „Мојот пријател шеикот“ (напишана од Улф Старк и издадена од Лемнискаат, 1997) до 2017 година, тој работел на 350 книги за деца и сликовници за скоро сите големи холандски и белгиски издавачи.
Во 2016 година одлучува да се фокусира на создавање свои сликовници, а првиот наслов „Сосем обичен ден“ (во издание на Лемнискаат) му носи огромен успех и многу преводи. По ова писателско деби, следува неговата втора сликовница „Дино не постои“. Во истата година е објавена и сликовницата „Сакам лав“, со илустрации на Марк.
Многу негови книги се преведени на повеќе од десет јазици.

Повеќе информации на веб-страницата: www.mark-janssen.nl
Интервју со Марк Јансен на okno.mk

 

 

Ана Лјенас

Ана Лјенас е родена во Барселона. Дипломирала маркетинг и односи со јавноста при автономниот Универзитет во Барселона и графички дизајн на Школата Лотиха.
Потоа завршила и обука за психотерапија на Одделот за уметност и психосоцијален развој при Универзитетот Помпеу Фабра и во моментов е професорка и арт-терапевт, специјализирана за уметност и емоционална едукација.
Ана е авторка и илустраторка на книги што им помагаат и на големите и на помалите да се нурнат во светот на своите емоции, а нејзината илустрирана книга „Ѕверче од бои“ е клучно дело во таа смисла.
Во моментов книгата е бестселер, кој брзо ги минува границите и патува низ многу земји во светот.

Повеќе информации на веб-страницата: www.annallenas.com

 

 

Маранке Ринк

Маранке Ринк (р. 1976) е писателка за деца од Ротердам. Пишува сликовници, раскази… Честопати соработува со нејзиниот сопруг, илустраторот Мартајн ван дер Линден.
Во 2017 година, со нивната книга „Танграммачка“, таа ја освојува наградата „Сребрена круна“ (една од најпрестижните холандски книжевни награди за детска литература), а Мартајн наградата „Златна четкичка“ за најдобро илустрирана сликовница. Нивната претходна книга, „Го видел ли некој другото зајаче?“, се најде на билтенот „Книги за деца од Холандија“ (2016 г.) што го издава Холандската фондација за литература.
Маранке патува ширум Холандија за да одржува работилници и предавања за промовирање читачки навики кај децата и кај возрасните. Нарачатели на нејзините дела се и едукативни издавачи, музеи и други организации.

Повеќе информации на веб-страницата: www.marankerinck.nl
Интервју со Маранке Ринк и Мартајн ван дер Линден на okno.mk

 

 

Анемари ван дер Еем

Анемари ван дер Еем е родена во 1976 година во Харлем. „Колку долги нозе, ќе биде балерина кога ќе порасне!“ било првото нешто што извикала бабицата. Но, сепак, на крајот тие долги нозе не испаднале толку долги. А, балерината? Анемари сигурно не е родена за балерина. Вежбала балет некое време, но повеќе ѝ се допаѓал сокот за време на паузата, отколку танцувањето.

Хокеј, е тоа, да. Како голман на холандските јуниорки, Анемари ја освојува светската титула во Сеул во 1997 година. Долги години игра во холандската лига. Преку хокејот го развива и својот талент за пишување – за време на студиите по историја, добива убав спореден ангажман: пишува во студентско списание посветено на хокејот.

По студиите работи како спортски новинар. И патуваа низ целиот свет, од Аргентина до Австралија. Возбудлив настан? Известува за Олимписките игри во 2004 година од Атина.

Во 2017 година, Анемари дебитира во издавачката куќа од Ротердам – Лемнискат со сликовницата Ik wil een lion! илустрирана од Марк Јансен.

Денес има нејзина агенција за пишување, Воордвајф, во која пишува за сè и сешто.

И како автор за деца, пишува што ќе ѝ падне на памет. За лавови, за кози и за бубачки-стапче. Но, и за едно мало момче кое ќе ја надмудри мајка си… Како!? Може да прочитате во „Сакам лав!“

 

Сане ван ден Хеувел

– преведувачка од холандски

„Уште од рана возраст ме интересираше непознатото. Бев цврсто решена дека сакам да го подобрам светот. Токму поради тој интерес одлучив да студирам антропологија. Тоа ми даде можност да патувам и да запознавам други култури. По скитањето низ светот завршив во Македонија. Настојувајќи да разберам што е можно повеќе за земјата и да се чувствувам дома во Македонија, со љубов и внимание го научив јазикот. Преку јазикот може навистина да се запознае една земја. Затоа толку го сакам и преведувањето, ми дава можност да бидам поврзувач помеѓу земји, јазици и култури!“

Ирина Талевска

– преведувачка од италијански и од шпански

Ирина е доцент по италијанска литература на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Има преведено повеќе литературни дела од италијански и од шпански јазик. Во слободно време плута со мозокот и се транспортира во необични светови.

Сања Михајловиќ Костадиновска

– преведувачка од шпански

Сања Михајловиќ Костадиновска е книжевен преведувач од шпански јазик. Таа ги преведе „Кој сакаш да бидеш?“ Од Карло Фрабети и „Пишувачите на писма“ од Беатрис Осес.
Сања докторираше на Универзитетот „Комплутенсе“ во Мадрид во областа на книжевните студии и работи како лектор по шпански јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје.
Добитник е на неколку награди за краток расказ.
Пишува проза на македонски и шпански јазик. Таа ја напиша и сликовницата „Сонувалко“ во
издание Бегемот.

Грет Јанс Серафимовска

– преведувачка од холандски

Грет одлично го владее македонскиот јазик, а холандскиот и` е мајчин. Учествувала во програмата за размена на Базилеус во Скопје десет месеци, од септември 2009 до јуни 2010 година и на XLIII меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура во Охрид. Дипломирала на Источноевропските јазици и култури на Универзитетот во Гент, Филолошки факултет, Катедрата за славистика.
За Сказнувалка ги преведе Писма до некого и до никој друг, Роденденската забава на верверицата и други прослави и Пикухенки – сите од Тон Телехен.

Филип Димевски

– преведувач од полски

Филип дипломира полски јазик и книжевност и македонски јазик на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје во 2007 година. Има седумгодишно искуство како книжевен преведувач и уредник. Автор е на петнаесетина преводи на литературни дела од полски на македонски јазик. Филип е и уредник и основач на издавачката куќа Бегемот.

Живко Гроздановски

– преведувач од грчки

Живко на македонски јазик превел романи, раскази, есеи и песни од дваесетина италијански писатели, а на италијански јазик превел дела на десетина македонски поети. Покрај тоа, тој пишува проза, поезија и книги за деца. Приредувач е и на тематска антологија на современи македонски автори, објавена на македонски, на грчки и англиски јазик.

Софија Григориаду

– преведувачка од грчки

Софија живее во Атина и во Скопје. Таа е уметница со докторат по социјална антропологија. Работи и како уредница и книжевна преведувачка. Ужива во долги прошетки, во морето и во готвење со и за пријателите.