GG4A: Иновативна меѓукултурна промоција на читањето

Меѓународниот проект „GG4A: Иновативна меѓукултурна промоција на читањето“ промовира и контекстуализира шест висококвалитетни европски книжевни дела за млади читатели од малцински или од помалку познати книжевности, од кои повеќето се напишани на поретко употребувани јазици. Водечки автори од Словенија, од Баскија и од Португалија ќе бидат преведени од реномирани преведувачи на македонски, словенечки, баскиски, шпански и на португалски.

Идејата овие дела да се преведат на пет јазици се заснова на истражувањата за нивото на читателската писменост, на која во дигиталната ера ѝ се потребни нови патишта за да допре до нова публика. Една од активностите во насока на подигање на нивото на читателската писменост е користењето интерактивна интернет-платформа преку која читателските вештини се поврзуваат со дигиталните вештини, со помош на гејмификација и однапред подготвени лудистички активности, кои вклучуваат натпреварување, групна работа и креативност.

Во проектот се предвидени и работилници за креативно пишување, кои, покрај тоа што нудат поинаков тип активности за младите, претставуваат и корисни материјали (прирачници, вебинари, видеа) за наставници, обучувачи на наставници и библиотекари, кои ќе можат да се користат по завршувањето на проект. Вмрежувањето е важно: предвидени се работилници за членовите на конзорциумот, споделување на најдобрите практики во конзорциумот на B2B-состаноци и надвор од нив, големи и мали саеми на книги и видеопрезентации за издавачи во Латинска Америка.

Во текот на проектот ќе бидат организирани пет јавни настани со учество на авторите и на нивните преведувачи.

Повеќе детали за проектот ќе прочитате на: www.gg4a.eu