За оние по нас

План за поттикнување читачки навики кај младите

Овој книжевен проект има за цел да развие нова читателска публика, нудејќи им на младите читатели квалитетен избор на европски наслови, врвен превод и сензибилитет различен од вообичаениот. Избраните книги зборуваат со автентичен глас преку главните ликови, третираат теми привлечни за младите, а истовремено промовираат вредности како толеранција, пријателство и солидарност.

Во 2022 година ќе бидат објавени и промовирани следните наслови:

„Магла“
од Марта Палацези

– Добитник на италијанската награда „Стрега“ во 2020 година за литература за деца од 6 до 10 години. Го освојува срцето на читателот затоа што е автентична, реална во емоциите што ги буди и апсолутно веродостојна приказна. Книгата нуди прекрасна метафора, нè охрабрува да размислиме за односот кон послабите и на читателот му пренесува порака за длабоко почитување на животот, во која форма и да се манифестира.

 

„Мрежа“
од Сара Алегрини

– Роман со директен и емпатичен наративен стил што го наведува читателот да ја сподели болката на протагонистите, нивниот замор, напредокот што ги придружува на тешкиот пат на трансформација и заздравување. Добитник е на наградата „Орбил“ во 2020 година за адолесценти, што ја доделува Италијанската асоцијација на независни книжарници.

 

„Кој сакаш да бидеш?“
од Карло Фрабети

– Добитник на шпанската награда за детска литература „Ел Барко де Вапор“ во 2020 година за деца од 8 до 14 години. Оваа приказна е ода на љубопитноста и критичкото размислување, квалитети кои се од клучно значење за интелектуалниот развој на децата и адолесцентите.

 

„Пишувачите на писма“
од Беатрис Осес

– Добитник на шпанската награда за детска литература „Ел Барко де Вапор“ во 2019 година за деца од 8 до 10 години. Оваа книга зборува за тагата и за смртта, за новите технологии и за традиционалните начини на комуникација. Нејзиниот сензибилитет сигурно ќе ја разгори имагинацијата на читателот.

 

„Писмо до некого и до никој друг“
од Тон Телехен.

– Тон Телехен е познат по своите детски книги со антропоморфни животни. Приказните на Телехен изобилуваат со забавни и бизарни ситуации со филозофска основа. За неговиот траен придонес како писател за деца, Телехен беше финалист за меѓународната награда Ханс Кристијан Андерсен во 2006 година.

 

На проектот работат преведувачите Ирина Талеска, Сања Михајловиќ Костадиновска и Грет Јанс Серафимовска. Тие се докажани имиња во литературниот превод кои умеат да балансираат меѓу прецизноста и креативноста и вешто ја преточуваат оригиналната порака на македонски јазик.

Во рамки на проектот, младите читатели одблизу ќе бидат запознаени и со самиот издавачки процес, зад кого стојат повеќе луѓе кои се од суштинско значење за крајниот производ.

Во ова видео кое го најавува проектот, читателите ги запознаваат писателите и писателките на книгите. Тие лично им се обраќаат на своите идни читатели и одговараат на неколку прашања:

Проектот е поддржан од програмата „Креативна Европа“ на Извршната агенција за образование, аудио-визуелни уметности и култура на Европската Унија.